Аикидо
Основите на вештината и нејзиното потекло и историја

Аикидо е боречка вештина со потекло од Јапонија. Во превод значи „Дисциплина за хармонизирање на енергијата“ (АИ – хармонија, КИ – енергија, ДО – начин, дисциплина), или скратено: Наука за хармонијата. Под ова име, основачот Морихеи Уешиба ја воспоставил официјално во 1941-2 година, користејќи го стекнатото знаење од претходно совладаните боречки вештини.
Во техничкиот дел најголемо влијание за создавањето на аикидото имала вештината „Даито рју аики џуџуцу“. Морихеи Уешиба учел Даито Рју од Такеда Сокаку, кој оваа средновековна самурајска вештина прв почнал да ја подучува надвор од кланот Такеда.

kanjiИдеолошкиот дел од аикидото се изградил под влијание на верските убедувања негувани од Омото Кјо движењето (Шинто секта), па оттука и идејата за не-повредување на противникот.

По смртта на основачот се формирале повеќе ограноци. Скоро сите поистакнати ученици формирале посебни училишта за аикидо со различни називи. Денес, најраширен огранок во светот е институцијата формирана од самиот основач која го носи името Аикикаи. Оваа институција е и еден вид “main stream”, бидејќи водството се пренесува од колено на колено во семејството Уешиба и сегашниот дошу (водач на организацијата) е Моритеру Уешиба, внук на основачот.

Аикидо техниките се изградени врз принцип на искористување на силата на напаѓачот. Тоа значи дека на нападот не се одговара со судир или директни пресретнувања (блокови, удари и сл.), туку со избегнувачки движења. Со ваквите движења се тежнее телото да се поставува во точни позиции кои напаѓачот го доведуваат до нерамнотежа и на тој начин го прават лесно совладлив.

За да се постигне ова потребно е долготрајно увежбување, а ефектите од вежбањето се повеќекратно корисни, како за физичкото здравје, така и за менталното. Посебна карактеристика на вежбањето аикидо е јакнењето на способностите за комуникација, соработување и тимско работење, што произлегува од природата на техниките и методите на нивно учење.

ikkyoСамоодбраната е нешто што се подразбира кога се зборува за боречка вештина, но аикидото е специфично затоа што оној што вежба аикидо ќе биде вешт не само да се одбрани, туку притоа и да не го повреди напаѓачот, добивајќи на тој начин драгоцен избор. Ова е воедно и еден од главните адути, поради кои оваа вештина е толку популарна во денешно време.

Саншинкаи Аикидо

Во нашиот клуб, аикидо се практикува по методологијата креирана од Масатоми Икеда сенсеи. Тој го здружил аикидото со две други комплементарни дисциплини: Генки-Каи и вежбање на Хоџо катата. Овој систем го именувал - Саншинкаи Аикидо. Саншинкаи значи: Кралството на три срца (есенции). Генки-Каи е здравствен систем врз основа на јапонски искуства од она што вообичаено го познаваме како Јога. Хоџо катата е традиционална ката од мечувалската школа Кашима Шинден Џикишинкаге Рју. И двете дисциплини помагаат поуспешно да се напредува во аикидото .

 

Куса историја на аикидото

Денешното Аикидо ги има своите корени во воената вештина на едно од најстарите феудални семејства, Minamoto – Takeda. Се смета дека принцот Теиџун (Teijun), шестиот син на царот Сеиве (Seiwe, 850-880), ја измислил вештината на борење под име Аики Џуџуцу (Aiki Jujutsu). Преку синот на принцот Тсунемоте (Tsunemote) оваа вештина се пренела до следната генерација Минамото. Неа понатаму ја усовршувал Шинра Сабуро Јошимицу (Shinra Saburo Yoshimitsu), голем генерал и стратег, помлад брат на Јоши Минамото (Yoshi Minamoto), исто така познат воин. Неговите синови се развиле во познати борци, додавајќи нови елементи и техники и прилагодувајќи ги на тогаш познатите ладни оружја. Вториот син на Јошимитсу – Јошикијо (Yoshikiyo), живеел во дворецот Такеда во покраината Каи.

aikido clip image002Во епохата Камакура (Kamakura, 1185-1336), се појавила фигурата на самурајот и во тек на вековите кои следуваат, секој самурајски клан развивал свои специфични школи за мечување и џуџуцу (борење со голи раце). Овие вештини во текот на наредните векови биле најстрого чувани тајни, а оддавање на техниките на школата некому кој не припаѓал на кланот се казнувало дури и со смрт. Голем дел од ефикасноста и моќта на древните школи на џуџуцу била токму во тајноста на техниките.

Во епохата Сенгоку (Sengoku, 1467 - 1600), дошло до стогодишната војна која ја опустошила Јапонија и во тој период во пракса се усовршиле многу техники на џуџуцу. Кон крајот на оваа ера дошло до опаѓање на моќта на семејството Такеда и главата на семејството Куницугу (Kunitsugu) во 1574 година се преместил од дворецот Такеда во Аизу. Боречките вештини кои ги пренел на своите наследници биле познати под називот Аизу Тодоме (Aizu Todome) вештини.

Со почетокот на Едо (Edo) периодот (1600-1867), завршила епохата на војни и почнала епохата на мир, а Јапонија се обединила под Токугава шогунатот. Во тој период Такеда кланот од Аиза својата вештина ја чувал и усовршувал во потполна тајност, сé до Меиџи (Meiji) периодот во 1868. Тогаш Јапонија излегла од вековната изолација и под западно влијание се укинал феудалниот систем. Многу самураи не можеле да се привикнат на новото доба со оглед на тоа дека веќе немало војни, а огненото оружје го потиснало ладното. Традиционалните вештини се нашле пред изумирање.

Главата на семејството и на мечувачкиот клан Аизу, Сокаку Такеда (Sokaku Takeda, 1860-1943), тогаш почнал да ја подучува вештината на борење Даито рју Аики Џуџуцу (Daito ryu Aiki Jujutsu), надвор од кругот на семејството патувајќи низ Јапонија сé додека не се населил на Хокаидо.

Morihei UeshibaЕден од најдобрите ученици на Сокаку Такеда бил Морихеи Уешиба (Morihei Ueshiba), основач на Аикидото, човек со ретки способности, кој потоа Даито школата ја обогатил со делови на други древни вештини кои во младоста ги проучил, меѓу кои најважни се: Јагју Шинган рју Џуџуцу (Yagyu Shingan ryu Jujutsu), Џики Шинкаге рју кенџуцу (Jiki Shinkage ryu kenjutsu), Кито рју Џуџуцу (Kito ryu Jujutsu), Теншин Шинјо рју Џуџуцу (Tenshin Shinyo ryu Jujutsu), Со Џуцу (So Jutsu) и други.

Тој додал и сопствени зафати и вовел нови принципи со кои можеби изменил некои од техниките на Даито школата, во склад со своите уверувања. Резултат е Аикидото, кое како вештина конечно се формирало од 20-тите до 50-тите години на XX век и го зазело своето угледно место во Будо семејството.

Најголема и најстара Аикидо организација е Аикикаи, со седиште во Токио, сега под водство на внукот на основачот - Моритеру Уешиба (Moriteru Ueshiba) со титула „Дошу“ (водач на дисциплината). Најпознати инструктори од Аикикаи организацијата се: Морихиро Саито (Morihiro Saito), Хироши Тада (Hiroshi Tada), Казу Чиба (Kazu Chiba), Нобујоши Тамура (Nobuyoshi Tamura), Катсуаки Асаи (Katsuaki Asai), Масатоми Икеда (Masatomi Ikeda), Јоџи Фуџимото (Yoji Fujimoto), Хидеки Хосокава (Hideki Hosokawa), Шоџи Нишио (Shoji Nishio), Јасуо Кобајаши (Yasuo Kobayashi), Мицуги Саотоме (Mitsugi Saotome) и други.